април 20, 2021

Скопје, 20. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заканите од владини претставници, онлајн малтретирањето и вербалните напади кон новинарите на социјалните мрежи се зголемија, оценува Репортери без граници (РБГ) во најновиот извештај за слободата на медиумите во Македонија.

Ваквата пракса само „ја засили закотвената култура на неказнивност“, додаваат од РБГ. Дополнителна компликација во известувањето е пандемијата на коронавирусот, се оценува во извештајот.

На табелата на Репортери без граници, Република Македонија се наоѓа на 90 место во светот според слободата на медиумите. Тоа е напредок за две места во однос на минатата година и највисоко рангирање од 2013 година досега. Од земјите во регионот, пред Македонија се Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија и Косово, додека зад неа се најдоа Унгарија, Србија, Црна Гора и Бугарија. „Подобрувањето на нашето рангирање на оваа листа е охрабрувачки, но далеку од доволен индикатор дека работите во медиумската сфера во земјава се добри“, коментира за DW, директорката на Македонскиот Институт за Медиуми (МИМ), Билјана Петковска.

„Напротив“, вели таа, „имаме долга листа со домашни задачи кои треба да се сработат за да бидеме задоволни од квалитетот на новинарството кое граѓаните го добиваат и условите во кои тоа се создава.“ Во приоритетите, според Петковска, се бројни задачи.

– Усогласувањето на медиумските закони со европските правила, економската средина во која функционираат медиумите, новинарските права и условите за работа, транспарентноста на институциите, справувањето со информацискиот неред и дезинформациите предизвикани од социјалните медиуми и злоупотребите на интернет просторот за пропаганда и хибридни закани се само дел од проблемите што мора да се адресираат низ структурен дијалог на сите општествени чинители. Колку порано започне тој процес, толку подобро ќе биде за сите, вклучително и за имиџот на државата преку ваквите меѓународни рангирања, вели Билјана Петковска од МИМ.

Infografik Pressefreiheit EN
Рангирање на државите во светот според слободата на медиумите

Во кусата анализа на Репортери без граници за Македонија се наведува и следното:

– Организациите кои ги претставуваат медиумите силно се спротивставуваат на предложените измени за државните и приватните медиуми во Законот за радиодифузија, со кои ќе се овозможи државно рекламирање во медиумите. Тие се противат сметајќи дека тоа ќе го охрабри клиентелизмот. Министерството за правда работи на нов закон кој треба да им обезбеди поголема сигурност на новинарите и медиумските работници, се наведува во извештајот на РБГ. На светско ниво, Репортери без граници констатираат дека новинарството е целосно или делумно блокирано во 130 од 180 рангирани држави во светот. На врвот на листата се скандинавските држави Норвешка, Финска и Шведска, а на дното- Северна Кореја. (Крај)

извор: DW фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука