Скопје, 21. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Со 62 гласа „за“ и без гласови „против“ и „воздржани“, Собранието го донесе Законот за попис. Законот го помина и двојното или Бадентеровото гласање, односно тој доби поддршка од 29 пратеници од немнозинските заедници.
За Законот за попис освен владеачкото мнозинство гласаа и пратениците од опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Помеѓу двете гласања настана кавга меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Мицевски помеѓу првото и второто гласање, процедурално побара пауза од еден час, но Џафери ја продолжи процедурата на гласање, по што Законот за попис беше донесен. По ова Џафери даде еден час пауза.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за Законот за попис. Опозицискта ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе собира граѓански потписи за поништување на Законот за попис.
Податоците добиени од пописот ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од Пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон.
Личните податоци добиени со Пописот подлежат на заштита согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.
Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.
Со пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Македонија При спроведувањето на Пописот ќе се врши попишување на терен и ќе се користат истовремено податоци од збирките на податоци на МВР од базата на државјани на Република Македонија, од МИОА податоци вклучени во регистарот на населението, од МОН од податоците за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година, од МТСП од податоците за лицата корисници на права на социјални примања по сите категории, од Агенцијата за вработување, од податоците за економската активност на лицата, од УЈП од податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход, од ПИОМ-Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија од податоци за примателите на пензија по сите основи, од Управата за водење на матични книги, податоци од матичните книги за родените, умрените и венчаните лица, од Агенцијата за катастар на недвижности од податоци за недвижностите и нивните движења, како и од Државниот завод за статистика од податоци од статистичките истражувања за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи во академската година, како и податоците од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.
Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.
Расправата за Предлог законот во Собранието, со којшто ќе се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари.
Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива