Скопје, 9. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во пресрет на владината седница на која треба да се одлучи за полицискиот час кој го предлага Комисијата за заразни болести, не сакаше да прејудицира каква ќе биде конечната одлука, но порача дека е подобро да има рестрикции на пократко време, отколку да се оптовари здравствениот систем.
– Одлуките кои мораме да ги донесеме, никој не ги посакува, меѓутоа тие се резултат на однесувањето на сите нас. Ако не ги почитуваме препораките, ако не носиме заштитна опрема, ако се групираме и правиме настани коишто со сигурност значат ширење на вирусот, тогаш државата во еден момент мора да изреагира. Јас не би сакал да прејудицирам, ќе разговараме на Влада, ќе видиме која ќе биде крајната одлука, кој ќе биде габаритот на таа одлука, како и на кој начин ќе се реализира, меѓутоа како и да е таа мора да се реализира и почитува. Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем, изјави Спасовски.
Владата на Република Македонија денеска на седница треба да одлучува по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 наутро на територија на цела држава. Комисијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Анализите покажуваат дека расте бројот на заразени, а се очекува да расте и бројот на хоспитализирани.
Во моментов во земјава се активни 8.863 случаи на заболени со COVID-19. Досега во земјата се направени вкупно 544.816 тестирања. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.479, бројката на оздравени пациенти е 95.410, а на починати е 3.206. Во Охрид вчера се регистрирани 9 новозаболени, едно починато и 31 оздравени лица. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 60 пациенти. (Крај)
извор: ОхридПрес/360 степени фото: архива