Охрид, 24. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Последниве денови за жал сме сведоци на зголемен број на COVID-19 позитивни во целата земја, а Охрид е еден од најпогодените градови, реагираат од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид.
– Веќе неколку недели сме помеѓу градовите со највисок број на активни случаи на број на жители во земјата. Од неодамна, од Министерството за здравство имаме и официјални податоци дека во Охрид е изразено висока застапеноста на „британската мутација“, која се одликува со значајно повисока преносливост. Ваквата состојба , за жал, не не заобиколи и нас како установа која непрекинато ја врши својата дејност во услови на пандемија, но неколку месеци наназад во посебен оддел третира и Ковид пациенти. Сакаме да потенцираме дека во Ковид одделот кај нас се третира најкомплексни пациенти од Охрид и регионот, и многу од нив имаа потреба од неинвазивна и инвазивна респираторна подршка. Но, и покрај се’ ги информираме нашите пациенти дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 во функција на третирање на сериозни и животозагрозувачки состојби. И натаму, ќе работи ургентна амбуланта за оние кои имаат потреба од итен преглед. До нашите пациенти апелираме и натаму да бидат внимателни, да избегнуваат ризични контакти и да останат дома до постигнување на колективна имунизација, објавија од болницата на нивната официјална страница на Facebook. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес