Скопје, 30. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Утре, на Велика Сабота, на Меѓународниот аеродром во Скопје се очекува да пристигне Светиот благодатен оган.
Претходно ќе биде преземен од аеродромот во Атина, каде висока грчка државно-црковна делегација ќе го донесе од Ерусалим. По пристигнувањето на Светиот оган на скопскиот аеродром, истиот ќе биде преземен од претставници на православните епархии, кои ќе го однесат во сите градови ширум државата.
Од комисијата за односи со верските заедници потсетуваат на апелите за задолжително придржување до мерките за заштита од коронавирусот, со особен акцент задолжително носење на заштитна маска во храмовите и надвор од нив.
Чудото на слегувањето на Светиот Оган во Ерусалим, кое се случува секоја година за време на една посебна православна служба на Велика Сабота на пладне, во последно време е многу актуелно во научните кругови поради ставовите со кои се негира неговиот натприроден карактер, односно веќе со векови сведоченото и до ден денес доживувано слегување на несоздадениот Благодатен Оган, кој го го пали кандилото на пресветиот Гроб, без човечка интервенција. Од тоа кандило Ерусалимскиот патријарх пали четири снопчиња по 33 свеќи и со нив им го дели Огнот на верниците што го очекуваат. Постојат дури и сведоштва дека истовремено со чудесното палење на кандилото на пресветиот Гроб, понекогаш се палат и други кандила, како и некои свеќи што ги држат поклониците.
Во библиографијата се забележани изјави од многу современи веродостојни сведоци кои го виделе Благодатниот Оган како следува. Дури постојат и видео записи со современи технички средства. Но ова чудо, кое се повторува секоја година, и понатаму е примано со сомнеж од страна на многу скептици, кои го порекнуваат, и воопшто негираат било какво чудо, сметајќи го за веродостојно само она што може научно и експериментално да се докаже, значи само оние опипливи и природни појави кои се подложни на испитување во научните лаборатории.
Значи веќе подолго време постои потреба од едно вакво историско преиспитување на чудото на Благодатниот Оган. Сите извори на импресивен начин и едногласно зборуваат за необичната светлина или оган која чудесно се спушта од небото пред очите на огромното тогаш присутно мнозинство народ. Оваа светлина се поистоветува со натприродната Светлина која заблескала на Христовиот Гроб во мигот на Воскресението.
Светиот Оган најверојатно прв пат се појавил на 5 април во 33 г. од н.е, точно во времето на Воскресението на Богочовекот, од полноќ на Велика Сабота па до неколку часа пред разденување на Воскресна Недела. И сè до денес, повеќе од два милениума истиот Оган и понатаму како молња слегува на Христовиот Гроб секоја Велика Сабота, неколку часа пред прославата на Неговото Воскресение. (Крај)
извор: ОхридПрес/Бигорски фото: архива