март 19, 2021

Скопје, 19. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Викендов или на почетокот на следната недела се очекуваат резултатите од полицискиот час, со стабилизирање на бројката на новодиајгностицирани со COVID-19, потенцира министерот за здравство Венко Филипче.

Вели денеска има помала бројка на нови позитивни случаи, под 1.000. Нова проценка на состојбата ќе се прави следната недела, а во однос на следни рестриктивни мерки би биле зголемување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителите.

– Бројката на заболени денеска е нешто помала, е под 1000. Очекуваме да има стабилизирање на состојбата, очекуваме намалување на бројката на новодиајгностицирани со COVID-19да полицискиот час даде резултат. Секако подготвени сме и за воведување нови мерки, но засега сметаме дека не се потребни. Следни чекори би биле зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти допоплнително од сегашниот лимит до 21:00 часот, рече Филипче.

Потенцира дека во секој случај здравствениот систем се подготвува како претходно со цел да се обезбеди место доколку треба за секој пациент.

Во меѓувреме, додека се очекува воведениот полициски час од 22:00 до 05:00 часот да даде резултат, се бара заострување на мерките. Комисијата за заразни болести треба сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита, соопштија од Лекарската комора. Претходно и охридскиот градоначалник д-р Константин Георгиески, изрази загриженост што се поголем процент млади луѓе завршуваат на кислородна поддршка. Истакна дека негов личен став е дека додека работат угостителските објекти, додека се полнат кафеаните, ќе се полнат и болниците. Тој апелираше до Комисијата за заразни болести да ги заостри мерките во насока да се намали групирањето.

Во Охрид во моментов има 518 активни случаи на коронавирус, хоспитализирани се 90 пациенти од кои поголемиот дел на кислород. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука