Агелер: Доказите за Груби и Беџети се достапни, македонските институции да преземат мерки
декември 10, 2024

Скопје, 10. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД е за да се повикаат на одговорност оние поединци чии криминални дејности ги поткопуваат безбедноста, стабилноста и вредностите на управување, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер.

На прес-конференција во Амбасадата на САД во Скопје, Агелер нагласи дека доказите за нивните влијанија се достапни и очекува македонските институции да преземат мерки.

– Не мора да ние да им даваме докази или информации на тукашните институции. Доказите се достапни. Ако ние можеме да ги најдеме, можат и македонските институции, рече Агелер.

Амбасадорката на САД очекува акција и за случајот со Груби, но и за други претходни. Таа не влезе во спецификација што конкретно правел Груби или Беџети и рече дека овие процеси се одвиваат во Вашингтон. На прашањето дали судијата Беџети посетувал обуки и тренинзи во САД, не можеше да потврди, но нагласи дека верува дека во некоја форма бил дел од програмите за ефикасно судство и борба против корупцијата.

– Половина милијарда долари се потрошени на тренинзи и едукација и не сме виделе поврат на инвестицијата, искоментира американската амбасадорка.

Таа кажа дека синоќа го информирала премиерот Христијан Мицкоски кога беше објавена одлуката, а разговарале и утрово на оваа тема. Осврнувајќи се неговите коментари дека домашни политички актери подготвуваат дестабилизација на државата, Агелер нагласи дека не сака да верува оти некој е способен да ја дестабилизира сопствената држава.

Одговарајќи на новинарски прашања, амбасадорката на САД рече дека „црната листа“ дефинитивно не е затворена и дека ќе се најдат и други имиња, кои не се само политичари, а прашана дали времето во кое се објави информацијата за поранешниот вицепремиер и судијата од Апелацискиот суд кореспондира со најавите на Владата за реформи во судството, рече дека не се поврзани бидејќи Вашингтон одредува кога се објавува одлуката за еден ваков процес.

– Се вели дека правдата е слепа, затоа што мора да биде непристрасна и објективна кон сите, без разлика на нивната политичка партија, пол, етничка припадност или позиција. И запомнете дека, иако на вага ги мери вистината и лагата, таа носи и меч за да ги повика на одговорност оние што се обидуваат да ја спречат. Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира во оваа земја. Оние што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да сфатат дека корупцијата има последици, рече Агелер во воведната изјава.

Таа беше децидна дека граѓаните на оваа земја не заслужуваат ништо помалку и дека со кого и да разговара тоа е првиот впечаток што го добива. (Крај)

извор: 360 Степени фото: 360 Степени

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука