јуни 28, 2019

Скопје, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во 16 проценти од случаите при користење роаминг од корисници од државава имало нереално висока сметка што претставува пад од два процента во однос на минатата година.

Повеќето од лицата што добиле висока сметка за роаминг сметаат дека таа се должи на користењето разговори (36%) и користење на интернет (32%), додека 40 % не знаат на што се должи висината на сметката.

Тоа се дел од клучните наоди од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисници на елекотронски комуникациски услуги, спроведено за потребите на Агенцијата за електронски комуникации од 24-ти до 31-ви минатиот месец врз репрезентативен примерок од 1 100 испитаници.

Скоро една петтина од испитаниците кои знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг. Oд нив 16% ја користеле таа поволност. Половина од корисниците на регионален роаминг, пак, сметаат дека тој е незначително поевтин.

Ново намалување на цените на услугите во роаминг помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ ќе има од понеделник. Од тој датум цените ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година ќе бидат целосно укинати, согласно со Договорот потпишан на Вториот дигитален самит за Западен Балкан, како предуслов за почнување на постапката за укинување на роамингот кон Европската унија.

Според податоците на АЕК, во последните 12 месеци, 18 % од населението од државава користело роаминг. Повеќе од една четвртина (27 проценти) од корисниците на роаминг се информираат за цената за роаминг во соодветната земја. Роамингот најчесто се користи за испраќање на СМС пораки –78 % и за разговори 54,8 %, додека интернет во роаминг користеле само 18 проценти од корисниците на роаминг.

Во мобилната телефонија бројот на корисници кои потпишале двегодишен договор бележи раст од седум проценти во однос на 2018 година и изнесува 65 %. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (53%) или добиле телефонски апарат бесплатно (3 %).

Корисниците на интернет преку мобилен телефон бележат раст годинава (69%) во однос на минатата година (64%). Задоволството кај овие корисници во однос на брзината и достапноста на мобилниот интернет е зголемено во 2019 година во споредба со претходната година, додека задоволството од цената на оваа услуга останува речиси непроменето.

Телефонски приговарале девет проценти од корисниците на мобилна телефонија и 21 процент од нив биле потполно задоволни од одговорот на операторите. Бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален во однос на 2018 за шест проценти. Писмен приговор упатиле два процента од корисниците на мобилна телефонија, од кои повеќето , 82 % приговарале за висината на сметката. На 82% од испитаниците што поднеле писмен приговор им е одговорено за помалку од 15 дена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука