Охрид, 8. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од снег, информираат од АМСМ.
Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
На планинскиот премин „Плетвар“, како и на патните правци Маврово – Дебар и Кочани – г. п. Делчево на сила е забраната за движење на тешки товарни возила.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Од 15-ти ноември минатата година е на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15-ти март 2017 година. Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. (Крај)
извор: АМСМ фото: ОхридПрес