мај 16, 2018

Охрид, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на општина Охрид започна да функционира советничката канцеларија, а први кои го скршија мразот беа претседателката на Советот, Живка Ангелоска и советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска.

Оваа идеја, која беше прифатена од сите советници, се реализира со цел преку непосредни контакти да им излеземе во пресрет на барањата на охриѓани за побрзо решавање на проблемите од општествената сфера, вели претседателката на Советот, Ангелоска.

– Проблемите во градот се заеднички па ќе се обидеме заеднички да ги решаваме. Затоа го применавме овој начин на заеднички дежурства, не во посебни туку во една канцеларија, да се обидеме Советот да го покажеме како една единка, како целина која работи во интерес на граѓаните. Непосредниот контакт дава една поголема тежина на доврбата, ама и на обврската. Уште сме на почетокот, мислам дека граѓаните и не се доволно запознаени со постоењето на канцеларијата. Но, сите заедно ќе се потрудиме ова да се развие во една добра пракса, потенцира Ангелоска за Супер радио и OhridPress.

Советничката канцеларија во општинската зграда за охриѓани ќе биде отворена во вторник и четврток, во периодот од 11:00 до 15:00 часот, а во деновите за прием на странки ќе дежураат по еден советник од власта и опозицијата.

Ангелоска вели дека граѓаните до советниците ќе може да поставуваат прашања, да поднесуваат граѓански иницијативи за одредени активности, насоки и критики доколку има за она што е врзано со работата на општината, но е во надлежност на Советот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука