април 27, 2018

Охрид, 27. апррил 2018 (ОХРИДПРЕС) – Ракометарите на Охрид утре ги продолжуваат натпреварите во Супер лигата, во четвртото плеј – оф коло на домашен терен го пречекуват битолски Еурофарм Работник.

Капитенот Крсте Андоновски рече дека станува збор за добра екипа, со 2-3 подеднакво добри играчи на секоја позиција, но дека како тим и покрај ограничениот ростер, тие ќе го дадат максимумот.

– Дека се моќна екипа Еурифарм Работник докажа и тоа што со Металург изиграа нерешено. Ние сме со ограничен ростер, од тимот си отидоа неколку играчи, имаме само четири бека, но тоа не значи дека ќе се откажеме. Ќе дадеме максимум и се надеваме на победа, подвлече Андоновски.

И Јане Јанчев очекува да извлечат добар резултат против Еурофарм Работник.

– Знаете минатата недела имавме тежок пораз во Бутел на Купот на Македонија и мало разочарување од судиските одлуки. Но, се обидуваме да се вратиме на победничките патеки. Еурофарм се фаворити, но не се предаваме и ќе направиме се да ја израдуваме нашата домашна публика, рече Јанчев.

Од клубот ги повикуваат навивачите и љубителите на спортот да им дадат поддршка и да бидат нивниот осми играч.

Првенствениот натпревар ќе се одигра утре, 28-ми април, во салата „Билјанини извори“ со почеток во 19:00 часот. Влезниот билет чини 30 денари.

До крајот на „гладијаторите“ им преостануваат уште седум кола. Следниот натпревар го играат во гости кај Пелистер, а останатите се возвратни мечеви. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука