Париз, 17. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од неодамна екс-тренерот на Шангај, Андре Вилјаш – Боаш е кандидат за нов тренер на францускиот гигант ПСЖ.
Наводно, раководството на „светците“ не е задоволно од работата на Унаи Емери и покрај тоа што шпанскиот стратег засега одлично го предводи тимот, а според францускиот медиуми тој сигурно го напушта кормилото по завршувањето на сезоната.
Најголема желба на шеиците е Жозе Мурињо, но, наводно Португалецот одбил да седне на „жешкото“ столче на ПСЖ, па затоа се насочуваат кон друг португалски стратег, алтернативата Вилјаш – Боаш. 40-годишниот стратег стана познат во времето кога го водеше Порто до трофејот на Лигата на Европа во 2011 година, потоа седна на клупата на Челси, па Тотенхем, но и со двата лондонски клубови не оствари успех. Во двегодишниот престој во Санкт – Петербург, Вилјаш-Боаш со Зенит освои три трофеи, а потоа замина за Кина.
Тој неодамна даде отказ од Шангај поради тоа што сака да вози на претстојното рели Дакар, но одлуката на Вилјаш-Боаш може да биде сменета од мултимилионската понуда од ПСЖ, па набрзо повторно да се најде на менаџерска позиција. (Крај)
извор: Екипа.мк фото: архива