Скопје, 21. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – По денешната јавна седница, Апелациониот суд донел одлука да ја одбие жалбата на пратеникот Сашо Василевски по што тој останува во притвор.
Василевски не беше присутен на седницата, бидејќи не сакал да биде донесен од истражниот затвор во Шутка во судот, јави Тв 24.
Неговиот адвокат Александар Новаковски образложи дека притворот мора да се укине, бидејќи нема опасност од бегство или повторување на делото. Според Новаковски оправданоста на неговото барање го поткрепува и фактот дека Василевски дал исказ во обвинителството за организиран криминал и го понудил телефонот.
Претходно денес, Љубен Арнаудов, Богдан Илиевски и Борис Дамовски излегоа од притворот во затворот во Шуто Оризари. На шестмина обвинети за настаните во Собранието од 27-ми април минатата година, судот им ги прифатил жалбите, а мерката притвор им е заменета со куќен притвор и одземање на пасошите. Останатите тројца на кои судот ги прифатил жалбите и од затворски заминуваат во куќен притвор се Јане Ченто, Оливер Радулов и Иван Цветановски. (Крај)
извор: Тв 24 фото: архива