Охрид, 18. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – За охриѓанецот Челик Асим, еден од најнезаборавните моменти е влезот на ГКК „Охрид“ во првата лига. Уште како средношколец се занимава со кошарка, вели дека тоа е неговата прва љубов, а сега е веќе пензиониран кошаркар.
Со него разговаравме за неговото кошаркарско искуство, спортот во Охрид, иднитее планови, но и што се’ им порачува на младите кошаркарски надежи кои доаѓаат.
Супер радио: Гледајќи наназад на вашата кариера, што сметате дека е најважниот или најнезаборавниот момент?
Асим: Секако, сметам дека еден од најнезаборавните моменти или најважен момент во мојата кариера е од не толку далечно време, тоа беше во пролетта во мај месец кога со ГКК „Охрид“ за прв пат изборивме пласман во Првата македонска лига и тоа е за прв пат во историјата на Охрид, еден охридски тим, поддржан од охридски играчи, да избори пласман во Првата лига. Во секој случај тоа е еден од моите незаборавни моменти.
Супер радио: Можете ли да споделите некои од предизвиците со кои се соочивте за време на вашето кошаркарско патување и како ги надминавте?
Асим: Предизвици во спортот имам премногу, секако Охрид како град не секогаш имал најдобри услови за развој на кошарката. Сведоци сме дека некои други спортови биле во преден план, меѓутоа еве сега има момент кога кошарката оди во нагорна линија. Меѓутоа, тоа биле и презезвиците, многу често ладни, незатоплени сали, повреди коишто не попречувале во играње, во тренирање, меѓутоа, сето тоа било надминато со желбата и пасијата која сум имал за кошарката.
Супер радио: Дали има некои конкретни соиграчи или тренери кои имаа значително влијание врз вашата кариера и ако да, како тие придонесоа за вашиот раст како играч?
Асим: Можам да кажам дека на почетокот на мојата кариера, кога уште како средношколец, првите тренери кои што ми ја дадоа таа база на кошарката имаа најголем импакт во мојата игра. Меѓутоа, тоа беше некое друго време, сега кошарката е многу напредната, сегашните тренери гледаат низ призма, низ поинаква призма на кошарката, многу е технички напредната. Тоа време беше еден друг моментум, друг начин на приод, кој што секако имаше своите квалитети, меѓутоа и свои недостатоци.
Супер радио: По вашето пензионирање, какво наследство оставате зад себе, на кошаркарскиот терен и надвор од него?
Асим: Мислам дека со моето пензионирање оставам наследство, имаме можност Охрид да го гледаме во Првата кошаркарска лига и не само тоа, туку и сите останати младински пионерски школи кои работат во Градскиот кошаркарски клуб. Тоа е најголемото богатство, сите охридски деца се интересираат за кошарка, тренираат кошарка, школите функционираат беспрекорно и со тоа се надеваме дека во иднина ке излезе и некој кошаркар кој што ќе ја претставува и Македонија на репрезентативно ниво. Затоа сметам дека оставам зад себе еден организиран клуб кој што има премногу школи, како што напоменав и се натпреварува во Првата лига.
Супер радио: Каков совет би им дале на идните млади кошаркари кои во вас гледаат одличен пример?
Асим: На младите кошаркари би им препорачал да го следат својот сон, да тренираат во било кој спорт кој што го тренираат, не мора тоа да биде кошарката и ако бидат истрајани, ако еден млад спортист и кошаркар вредно тренира тренингот и работата на крајот ќе се исплати. Им порачувам да се задржат кон она што го планираат и желбата да не изгасне, да тренираат вредно.
Супер радио: Сега, кога се повлекувате од активното играње, кои се вашите планови за во иднина? Дали и понатаму себеси се гледате како дел од кошарката?
Асим: После моето пензионирање, сега ќе дадам малку акцент на моите професионални ангажмани и бизнис. Никогаш доста од кошарка, никогаш надвор од кошарката, можеби ќе видам повторно вклучен, меѓутоа сега за сега малку ќе застанеме тука, а за понатаму ќе видиме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес