Струга, 25. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Градот Струга, град на смртта каде живеат најголемите монструми на две нозе. Не сме сведочеле за град во кој во период од неполн месец се пролеа толку невина крв, нема улици во државава што биле масовни гробници за кучиња како улиците на Струга, реагираат од Асоцијацијата за згрижување и вдомување на бездомни животни „Бездомни животни без граници“ од Скопје, кои до нашата редакција испратија фотографии и видеа од овие немили настани.
– Доследни на ветувањата, доследни на убиствата и денес во Струга се докрајчуваат кучињата што по некоја среќа успеаа да го избегнат предходниот масакр со пушка. Овој пат масакр се прави со отров. Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров кој во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава, стои во реакцијата.
Додаваат дека од првиот испукан куршум до денес јавноста имаше можност да види се освен желба од страна на институциите да се превземат мерки за сопирање на масовното убиство на бездомни животни во Струга.
– Огнот никогаш не сопре, единствено службите беа по ажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг. Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовна ерадикација на бездомните кучиња? Повторно ги повикуваме надлежните институции непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр, МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко како заштитена бела мечка, реагираат од „Бездомни животни без граници“.
Од Асоцијацијата ја повикуваат Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува.
– Примитивизам не е одлика на земја која се стреми кон членство во Европската унија, стои во реакцијата.
Последните немили настани, кога граѓани на Охрид и Струга беа каснати од кучиња скитници повторно го враќаат во прв план овој проблем со кој се соочува целата држава, но и туристичките Охрид и Струга, каде и покрај декларативните изјави, проблемот на терен сепак постои. Активистите за заштита на животните повикуваат на системско решавање на овој сериозен проблем, а дел истакнаа дека наместо да се реагира на социјалните мрежи, треба да се организираат протести.
Во јавноста силно одекна и немилиот настан, кога со огнено оружје беа убиени повеќе кучиња скитници. Со официјална информација излегоа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Струга, од каде информираат дека е извршен е службен разговор со 62-годишниот М.З. од струшкото село Ливада.
Струшките архитекти Валмир Далипи и Бесјан Положани изработија проект за прифатилиште за бездомни кучиња за чија реализација се бара помош од Владата, преку заеднички средства или од ИПА фондовите.
Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни најчесто се движат во група. Оваа глетка не смее да ни стане нормална. Мора да се изнајде институционално, хумано и одржливо решение. Во Охрид, кучиња најчесто се забележуваат на Градскиот плоштад, низ охридската чаршија и скоро низ сите улици. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: „Бездомни животни без граници“