Шангај/Тијанџин, 16. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во нивниот четврти меч во 2017 и 38. во кариерата Роџер Федерер по петтипат едноподруго го победи Рафаел Надал за да ја освои својата 27. мастерс 1000 титула и неверојатниот 94. трофеј во кариерата совладувајќи го Шпанецот за само 72 минути со 6:4/6:3 во финалето во Шангај.
Ова беше нивни трет меч во Кина откако во 2006 и 2007 Роџер го победи својот голем ривал за титулата на Мастерс купот (сегашното АТП-финале), а сега на еден од најбрзите тврди терени на турнејата доминираше од почеток до крај за победа над светскиот број 1.
Федерер не направи речиси ниту една грешка, држејќи го Надал далеку од неговата „удобна зона“ и принудувајќи го Шпанецот да се брани од незгодни позиции. Надал немаше одговор на сервис на Федерер.
Ова е шеста титула во 2017 година за Швајцарецот, а сега со 94 трофеи е на второто место на вечната листа, израмнет со Иван Лендл, и само со легендарниот Џими Конорс пред него со 109 титули. Покрај тоа, со 1.000 освоени поени, тој останува во игра за првото место на АТП-листата на крајот на годината, со 1.940 поени заостанување зад Надал со 3.000 поени за освојување до крајот на сезоната.
Марија Шарапова ја освои својата прва ВТА титула по враќањето од допинг-суспензијата откако во борбен меч ја совлада младата Белорусинка Арина Сабаленка со 7:5/7:6(8) во финалето на Тијанџин опен во Кина.
Русинката се врати на тенисот во април по 15-месечната суспензија поради позитивен тест на мелдониум на Австралискиот опен во 2016 година, а потоа имаше доста проблеми со повредите. Ова е нејзина прва титула од мај 2015 година, кога победи на мастерс турнирот во Рим.
До победата, популарната Маша стигна тешко откако 19-годишната Сабаленка (102. на рејтинг-листата) водеше со 4:1 во првиот сет и 5:1 во вториот сет, но петкратната гренд-слем шампионка Шарапова покажа одлична борбеност за да стигне до својата 36. титула во кариерата.
На Шарапова оваа година прво не ѝ беше дадена вајлд-карта за настап на Ролан Гарос, а потоа се повреди во сезоната на трева, за својот кам-бек на гренд-слем турнирите да го има на УС опен, каде што стигна до четвртото коло. Таа беше 86. на ВТА-листата оваа недела, но од денеска ќе има значителен скок. (Крај)
извор:Макфакс фото: архива