Охрид, 5. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид се одржува аудиција за новиот македонски долгометражен филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски.
Ќе бидат опфатени ученици од прво до деветто одделение кои сакаат да се појават на филмското палтно, а аудицијата ќе се реализира во ОУ „Григор Прличев“.
„Врба“ се состои од две љубовни приказни, и двете поставени во Македонија. Едната се одвива во 17 век во руралните средини, а другата, пак, во современа урбана средина. И покрај тоа што станува збор за приказни разделени со стотици години, искуствата на двојките се преплетуваат. Според најавите снимањето ќе започне на почетокот на есента.
Инаку, ова ќе биде шести игран филм на Манчевски, по „Пред дождот” -1994, (прв македонски филм кој беше номиниран за престижната награда Оскар и добитник на наградата „Златен лав” за најдобар филм на фестивалот во Венеција), „Прашина” -2001, „Сенки” – 2007, „Мајки” – 2010 и последниот „Бикини Мун”, американско-германска копродукција, која имаше своја премирера пред три месеци во Сао Паоло, Бразил. По осум години нашиот познат режисер повторно ќе режира во Македонија.
Филмот „Врба“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива