Барселона, 8. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) –Aрон Палмарсон во следните десетина дена и официјално ќе стане нов член на Барселона, откако каталонскиот гигант се согласил да му плати на Веспрем огромни 700.000 евра за услугите на исландскиот репрезентативец.
Ова го тврди црногорскиот ракометен портал “handballme.me”, според кој Веспрем веќе го договорил и наследникот на Палмарсон, српскиот репрезентативец Петар Ненадиќ.
Барселона веќе подолго време е заинтересирана за овој извонреден бек, но каталонците се надеваа на негов потпис во 2018, по истекот на договорот со Веспрем. Ситуацијата се искомпликува откако Палмарсон на првата прозивка на новиот тренер Врањеш објавил дека не сака повеќе да игра за Веспрем и го напуштил тренингот, за што беше и казнет од унгарскиот гигант. Во изминатите два месеци двата клуба преговараа околу отштетата, Веспрем ја спушти сумата што ја бараше од еден милион на 700.000 евра, што беше прифатено од страна на Барселона.
Трансферот на Палмарсон во Барса би требало да биде официјализиран на почетокот од следната седмица, а Исланѓанецот би заиграл за тимот на Борко Ристовски веднаш по ЕХФ-неделата. Веспрем нема да чека многу со доведување на нов ракометар, со оглед на фактот дека трансферот на Ненадиќ е речиси договорен. Србинот има договор со Фуксе Берлин до крајот на сезонава, па германскиот клуб е подготвен да ја прифати понудата од 400.000 евра наместо да го пушти да си замине без никаква отштета во јуни 2018. (Крај)
извор: Екипа.мк фото: архива