септември 6, 2022

Скопје/Охрид, 6. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со повеќе свечени и културни активности во целата држава, во организација на Владата на Република Македонија, а по повод чествувањето на големиот празник, под мотото: „Обединети во слободата“, и годинава ќе биде одбележан 8-ми Септември – Денот на независноста.

Централната свечена прослава, кога ја славиме сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава и македонскиот народ ќе се одржи во четврток на 8-ми септември во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“ и ќе се пренесува во живо на Македонската радио-телевизија, како и на каналите на социјалните мрежи на Владата на Република Македонија. Во рамки на централната прослава, на која ќе се обрати претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се планирани изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи, како и атрактивно шоу на диск-џокеј.

Одбележувањето на 31-годишнината од независноста на нашата татковина, во четврток, на 8-ми септември 2022 година, ќе започне во 08:45 часот, кога премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација ќе оддаде почит и ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“.

Од 10:00 часот, премиерот Ковачевски ќе присуствува на свечената церемонија на доделување ордени од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски во вилата на Водно.

Од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка“ ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, како и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Дополнително, од 11:00 часот во целата држава, ќе започне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Сите заинтересирани граѓани, ќе имаат можност до 20:00 часот бесплатно да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.

Во Скопје, ќе бидат отворени, со бесплатен влез за сите заинтересирани граѓани Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Република Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука