Вевчанци за еден ден собраа 1.500 потписи за поддршка на нивниот омилен поп, Ромео Петрески Падре
ноември 11, 2024

Вевчани, 11. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вевчанци за само еден ден собраа 1.500 потписи за поддршка на нивниот омилен поп, Ромео Петрески Падре и не ја прифаќаат одлуката на митрополитот Тимотеј да го замени.

Преку објава во Facebook страната Moe Vevcani, тие вчера побараа правда за Петрески Падре

– Ние, како верници, го цениме и сакаме нашиот поп, кој секојдневно работеше за доброто на сите нас и ја чуваше духовната атмосфера во Вевчани. Неговата посветеност, љубов и морал не можат да се заменат со одлуки кои се донесени без да се има во предвид гласот на вевчанци. Ваше Високопреосвештенство Тимотеј, Ние, верниците од Вевчани, со голема почит и соништво кон духовноста, Ви се обраќаме со оваа молба да ја преиначите Вашата одлука за замена на нашиот омилен поп, Ромео Петрески Падре. Разбираме дека во одредени моменти одлуките треба да се носат со цел да се одржи ред и стабилност во заедницата, но истовремено веруваме дека секоја таква одлука мора да го одразува духот и потребите на оние кои ја сочинуваат таа заедница. Ромео Петрески Падре беше не само духовен лидер, туку и човек кој со својата посветеност, изгради една непроценлива духовна атмосфера во Вевчани. Неговото присуство беше од клучно значење за сите нас, бидејќи секојдневно го споделуваше Божјото слово и се грижеше за нашата духовна и морална благосостојба.Ние, вевчанците, чувствуваме дека не се консултиравте со нас, верниците кои секојдневно ја чувствуваат благосостојбата од неговото свештеничко служение. Нашиот народ е оној кој најдобро ја познава и почувствува неговата посветеност. Не сметаме дека одлука која не се усогласува со волјата на заедницата може да доведе до позитивни ефекти, стои во апелот.

Верниците побараа да се преиспита оваа одлука и митрополитот Тимотеј да го врати Ромео Петрески Падре на неговото свештеничко место, за да продолжи да биде нивен духовен водич. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Moe Vevcani

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука