јануари 14, 2018

Охрид, 14. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – „Излегу да се мамо рашета“, „Твојте очи Лено“ и многу други големи хитови, испеани од грлото на Вера Милошеска синоќа направија Охрид да доживее уште една вечер за паметење со настапот на групата Љубојна.

Еден од најоригиналните домашни музички состави настапи на Градскиот плоштад како дел од проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ и прославата на празникот Стара Нова година – Василица.

ljubojnaohrid2 ljubojnaohrid3Охриѓани, но и гостите кои ги имаше во голем број во регионот и поради Карневалот во Вевчани од вчера и денешниот во Куратица, уште еднаш покажаа дека се „гладни“ за вакви настани и ги охрабруваат организаторите да продолжат со новиот концепт на прослава на Нова година и сите празници во овој период од годината во Охрид кој се покажа како полн погодок. Сите манифестации се дел од поголемиот проект за промоција на Охрид во обид за максимално продолжување на туристичката сезона насловен како „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“.

ljubojnaohrid4На малата сцена на Градскиот плоштад, денес од 12:00 часот, настап имаат членовите на КУД „Бисери“, а на новата сцена кај малиот плоштад кај Мини маркет од 13:00 часот ќе се одигра новогодишната театарска претстава – ПХВ Шоу (Промоција на хумани вредности Шоу) од Клубот на млади при ООЦК Охрид со кој преку глума, пантомима и музика ќе се испрати силна порака за мир, хуманост и толеранција.

ljubojnaohrid5Следуваат и Трката на келнерите, Изложбата на отворено на најубави фотографии од Охрид, Фестивалот на графити и модерна уметност… На 19-ти јануари за големиот верски празник Водици на големата сцена на Градскиот плоштад ќе настапи групата „Фолтин“, со што ќе биде крунисана целата манифестација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука