Охрид, 26. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго за порталот text.mk направи Мега интервју со охридскиот пејач од постарата генерација Вили Котовски.
Ви го преземтираме во целост.
Богата животна и музичка приказна, каква што ретко кој има на нашата естрада, име на кое се сеќаваат повозрасните генерации. Еве, на самиот почеток, накусо да Ве претставиме – Вили Котовски, автор и пејач од Охрид, „сопственик“ на голем хит во поранешна Југославија, „Не дам те“, учесник на сите поп и рок фестивали, основач и директор на Канео фест, а повеќе од една деценија жител на Русија. Во кратки црти, има ли уште нешто значајно да се додаде на овој кус опис?
– Песната или хитот за кој станува збор носи наслов „Не те давам“ (или „Не дам те“). Учесник бев на Макфест три пати, на Скопскиот фестивал во 1999 година, на Охрид фест остварив пет настапи, на Подмосковље – Русија две учества, на Интерфест две учества, а да не зборуваме за настапите со „Инфаркт“ по македонските рок фестивали, ги имаше седум. Освен тоа, заедно со господинот Милчо Георгиевски го создадовме фестивалот „Канео фест“ во Охрид, и морам да напоменам, иако сам го работев овој фестивал цели 10 години, сепак огромна заслуга при создавањето има мојот драг и близок пријател господинот Милчо Георгиевски – поранешен член на „Инфаркт“ и неколкуте групи во кои сум работел, а сега прекрасен уметник-творец на илјадници охридски пејсажи.
Какви се Вашите музички почетоци?
– Далечната 1978 година мораше да заминам во Хрватска на некое време-каде започнав при сплет на околности да другарувам со Јасенко Хоура и важно е, дури премногу важно, да напоменам единствениот „виновник“, човек кој ми ги отвори хоризонтите како вокал беше, имено, Јасенко. Бевме поврзани и преку некои приватни релации. И само неколку месеци по моето враќање во Македонија во етерот ја слушнав „Црно бијели свет“, песната што јас прекрасно ја сварив и ја отпеав на неколку тонски проби со дечките во Дубрава. Се уште немаше име бендот, подоцна се нарекоа „Прљаво казалиште“. Не можев да си простам за своите постапки, но изгубеното никогаш не оди назад, нели. Силно во душата навивав за дечките од Дубрава и Господ им помогна-станаа југословенска атракција. Подоцна се приклучив во бендот „Орион“ во Охрид, кој подоцна се преименува во „Инфаркт“ и со мојот бас вокал во овој бенд покажав нешто ново поинакво, кое верувам во тоа време на многумина им се допаѓаше.
Под објавата на Вашата најпозната песна „Не дам те“, на YouTube е напишано- Целата историја на Вили Котовски е врзана со оваа песна, целата младост, првата љубов и сите огромни успеси во бивша Југославија стојат зад оваа песна. Како што вели Вили – единствена желба ми е кога ќе умирам да најдам сила да ја отпеам оваа песна.
– Во однос на композицијата „Не дам те“ приказната е многу долга но ќе се потрудам во неколку црти да појаснам. Пред се`, оваа песна на вистински начин рамо до рамо застана со сите тогашни Ју хитови, и цели 6 недели беше на 1 место на листата „Студио 202“ на Зоран Модли – пред многу други големи хитови, што значи Господ ни подари една патека од злато по која само требаше да чекориме. Но! Велат Ѓаволот не мирува така што ништо големо не се случи иако постоеја пред-договори со Југотон, со Дискос Александровац. Поради нас самите, исклучиво поради нас, обични дечки од провинција кои не знаеја да ги искористат своите 5 минути. Велам, Бог нека ми даде сила пред да умрам да можам да ја отпеам оваа песна, вистински тоа го мислам и би сакал баш така да биде. Еден ден ќе заминам, но ако успеам да запеам во тој момент значи заминувам среќен без болка во душата. А така оваа песна ми донесе прекрасни моменти во животот но и огромна болка.
Само што почнавте да се пробивате и издигнувате, се распадна Југославија. Да претпоставиме, да не се распаднеше, каде се гледате денес на една таква сцена?
– Во секој случај ако Југославија останеше во целина ќе беше друга ситуација и верувам дека ќе бев сосема друг човек, и во музичкиот бизнис, но и онака. Останаа премногу спомени, премногу слатки сеќавања од тој период за да плукам како некои, никогаш не би можел и не би сакал да припаѓам меѓу таквите. Крвта ми е македонска и никој и со ништо не може да ја промени тоа е ген, но човек мора да носи во душата барем малку култура, добрина и достоинство и да го сочува минатото како добра историја. Или, како јас велам, Југославија беше љубовна бајка која некој специјално ја уништи и без срам и влакна на јазикот ќе кажам, пред се Америка и ЕУ.
Русија е Вашиот втор, или можеби прв дом. Што работите таму, пеете по ноќни локали, ексклузивни хотели, соработувате со нивните музичари?
– Да. Русија е мојот втор дом, но прва љубов ха, ха. Во Русија живеам пет години континуирано, но и пред тоа секоја година престојував по некој месец овде, од 1984 година. Живеам на Волга или поточно на 100 метри од оваа голема река во градот Саратов. Некогаш овој град бил Татарски и оргиналниот наслов бил Саратау, град со огромна култура со многу споменици на културата со многу спортски објекти но град со страшна или ужасна инфраструктура. Живеам овде, но често патувам во многу градови по Русија, секаде онаму каде можам да го продадам својот вокал. Убаво спомнавте-настапувам по клубови, ноќни локали, кафулиња, понекогаш се случува и на отворен простор во некоја туристичка база или одморалиште, и секако по хотели со ексклузивна програма. Понекогаш по малку се занимавам и со трговија, но често не ми оди од рака. Оние музичари кои некогаш и ми биле блиски, сега се недопирливи и до нив никако не може да стигнеш. Можеби и сам не се трудам но еве да речеме пример, за да добијам разговор со Филип Киркоров треба милион телефони да свртам на милион врати да тропам, а со човекот убаво се дружевме на Интерфест во Битола во 1992 година. И ред други кои ги познавам се високо на врвот и до нив тешко се стигнува, одамна се откажав од таа идеја. Во сета оваа ситуација ми е тешко да поверувам дека шест месеци по моето доаѓање овде во Русија ме напушти најдрагоцениот соработник и мојата надеж овде во Русија- дамата која беше директор во „Санкпетербуршката мелодија“ („Ленинградската мелодија“) најголемата дискографска куќа во тогашен СССР , за која во 1990 година издадов албум на руски јазик, поточно материјалот од првата касета, заедно со прекрасната „Не дам те“. Нека почива во мир, да има и втор албум, тоа ни беше планот. Таков е животот, радост, болка но мора да одиме напред, да чекориме додека ни работи и срцето и душата. Постојат многу музичари овде и во Саратовска област кои ми помагаат и ја почитуваат мојата работа, за што им благодарам од душа. Дури имаше предлог од еден прекрасен бенд да им се приклучам како вокал, но ним им треба свежа крв, сметав дека јас можам само да им пречам понатака, така што на културен начин им објаснив дека не сум јас тоа што им треба.
На македонската естрада има доста песни, еве благо да речеме, „позајмени“ од Русија. Како вие гледате на тоа? Не ви дошла идеја истото да го направите, или повеќе верувате во својот авторски креативност?
– Во Македонија постојат песни „позајмени“ од СССР или од сегашна Русија многу, многу песни, и сами не можете да претпоставите колку. Јас лично приближно знам, но ова е веќе широка тема и страшно е опасно да ја отвориме. Ако тоа го сторам ќе морам, сакал или не, многумина да навредам. Не, сепак јас сум човек кој не зборува против својот клан, а мојот клан се сите оние кои творат во Македонија, музички- аранжмански- текстуално или вокално, сите ги почитувам, но не и тие мене. Мене лично не само што ми дошла идеја тоа да го направам, но и сум го направил и не гледам ништо страшно во тоа, но мора да постои договор, взаемна согласност со авторите и тоа да биде за интерна употреба во Македонија. Опасно е кога некој се чука во гради и се замислува хит мејкер а притоа позајмил од некаде, без разлика од Русија, Италија или Грција, ова последното се однесува за нашиот најголем македонски хит. Вистината лежи во архивите на радио „МХ“ од Охрид, проверете и ќе се вчудоневидите.
Со Јулија на Макфест во 1991 година ги освоивте симпатиите со песната „Горе меѓу ѕвездите“, раскажете ни како дојде до тој спој?
-Снимив 2-3 композиции за Македонската радио телевизија во 1990 година, притоа ги искористивме материјалите од Русија или поточно оргиналите си ги зедов со себе си од Санкт Петербург, а во МРТВ само вокалите ги снимав на македонски јазик. Случајно на тогашниот уредник Ванчо Димитров му се допаднало на каков начин сето тоа звучи и почна едно прекрасно дружење меѓу нас. И во 1991 се случи Макфест со „Горе меѓу ѕвездите“, а исто и во 1992 година со „Ветрови и плач“ на господинот Димитров. Со Јулија имавме прекрасен пласман, а со „Ветрови и плач“ не успеав да се пласирам во финалето. Не поради тоа што песната не заслужуваше, а поради тоа што Бог таков ме створил и не ми растат влакна на јазикот, бев буквално дисквалификуван во 1992 година. И да не се само пусти зборови, отворете во архивите каде Макфест го има како видео-комплет 1991, 1992, 1994 година мене никаде ме нема, некој специјално се потрудил. Истото се случи и со „Пиши ми Натали“ во 1994 година, тука веке се појави огромна омраза не меѓу мене и Макфест како фестивал, градот Штип и самиот фестивал ми се многу драги туку на релација автор – директор. Цел месец бев убедуван песната да ја дадам да ја отпее Трајче Манев, на што не се согласив, за да подоцна ми дозволат да си ја отпеам, но иронијата да биде поголема некој се осмели да ми каже, немој да пееш така, треба вака, во смисла грчиш и рапав ти е вокалот- притоа не знаејќи дека таков сум се родил, а поинаку и не може. Срамота и безобразие за тој човек. И повторно не стигнав до финалето иако буквално сите радиостаници гласаа за мене. Животот продолжува, и се е борба за докажување, а јас ги паметам само добрите дела, а оние кои зло ми нанесле Бог нека им суди. Ванчо Димитров – Темков, прекрасни луѓе и секогаш ќе си ги носам како прекрасен спомен во своето срце.
Вие сте основач на забавниот фестивал кој прв подаде рака за младите таленти, Канео фест. На него настапуваа/т се млади и надежни. Со каква идеја го почнавте, и зошто го напуштивте фестивалот, поточно предадовте на ТВ Морис?
– Во 2001 година разочаран од многу фестивалски ситуации, дојдов до идеја да создадам фестивал и со помош на господинот Милчо Георгиевски успеавме да го создадеме, и еуфорично во Античкиот театар во Охрид, во 2002 година, со директен пренос на МРТВ се одржа првото издание каде што настапија не само млади недокажани изведувачи туку и огромни ѕверки од македонската естрада. А јас лично на сите оние кои беа дел од Канео фест можам само да им се заблагодарам, за сите 10 години додека директорував со фестивалот. Се трудев секогаш да најдам убав збор, да помогнам да утешам секого, можеби некој и ми се налутил за тоа што не успеал да стигне до финале но сите не можат, нели. Можеби некој некогаш и неправилно не бил во финале, но сигурно решавале некои нијанси. Мене ми беше важно за сите учесници додека се на фестивалот да бидат на едно место, што значи сите тие 10 години од моето владеење со фестивалот обезбедував сместување и храна, понекогаш дури и од својот џеб, за сто никогаш не жалам, а се гордеам. Канеофест создаде мнолгу нови имиња во Македонија, Ева, Иле Спасев, Јоце Панов, Георгиевска, Боби Мојсовски и многу други, нека не ми замерат оние кои не ги спомнав, но навистина ги имаше многу. Верувам дека на сите кои биле на Канео фест им останав во сеќавање како коректен човек,а и на сите им посакувам успесно да чекорат во македонстава естрада.
Како денес изгледа македонската сцена погледната од таа далечина, од Русија?
– Македонија поседува огромен музички потенцијал, и тоа многупати се докажало од дамнина па до ден денешен. Но ме боли тоа што многумина својот талент мораат да го докажуваат далеку од родната грутка, далеку од Македонија. Нашиот ангел Тоше Проески го отвори патот за сите млади надежни вокали. Јас лично многу нешто би променил во однос со оние кои доаѓаат како нови надежи – тоа во Македонија не се случува, за жал. Постојат форми и идеи на сите некако да им се помогне, но како едно младо девојче кое прекрасно пее или момче кој има фантастичен вокал да оди понатаму во музичкиот бизнис – ако не може ниту една нормална снимка да направи? Сето тоа чини. Господ не создал само богати фамилии, постојат и посиромашни, но талентирани, мисли ли воопшто некој на овие млади таленти? И можеби она што моите драги Охриѓани го создадоа оваа пролет е за честитки „Талент шоу“, затоа се гордеам со Супер радио, Тамаро, Даниел, Јовица Китроз и другите. Сакам да кажам, вакви проекти и се потребни на Македонија. (Крај)
извор: text.mk/Валентина Ѓоргиевска Парго фото: архива