април 10, 2018

Охрид, 10. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – На 12-ти и 13-ти април Охрид ќе биде домаќин на седмата годишна истражувачка конференција на Народната банка на Република Македонија.

Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување  на монетарното осамостојување на Република Македонија, а овојпат е насловена „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Во текот на првиот ден ќе бидат презентирани истражувачки материјали од централните банки и академските институции, а вториот ден е посветен на панел-дискусии за политиките на претставниците на високо ниво.Ќе се разменуваат искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции.

Покрај гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, најавено е присуство на гувернерите на централните банки на Белгија – Јан Сметс, на Хрватска- Борис Вујичиќ, на Албанија – Гент Сејко и на Косово – Фехми Мехмети.

Учество ќе земат и претставници на повеќе централни банки од регионот, ЕУ и пошироко, како и од истакнати светски универзитети и меѓународни организации.

Со свои претставници ќе присуствуваат и банките од Република Македонија и другите финансиски институции, како и државните институции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука