Во селото Сливово одбележани 81 година од формирањето на Првата Македонска-косовска ударна бригада
ноември 11, 2024

Сливово/Белчишта, 11. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со полагање свежо цвеќе, историски час и посета на Спомен собата, денес во селото Сливово се одбележаа 81 година од формирањето на Првата Македонска-косовска ударна бригада, на 11-ти Ноември 1943 година.

– Македонија е држава која е родена на придобивките на НОБ, олицетворени преку историските одлуки на АСНОМ, во 1944 година, кои практично претставуваат остварување на вековните идеали на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност. Тие придобивки во голема мера се исковани во Дебрца, првата слободна територија во НОБ, која жестоко се спротивставила на фашизмот. Затоа, наша и на идните генерации света должност е тие придобивки да ги чуваме и негуваме, бидејќи на тој начин си ја чуваме државата, порача градоначалникот на Општина дебрца Зоран Ногачески.

Денешниот ден е и Патронен празник на ООУ „Дебрца“ од Белчишта. Учениците и наставниците по тој повод организираа пригодна свеченост под мотото „Ах, љубов, сладок сон“, на која беа доделени награди за литературен и ликовен конкурс, а оваа година градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески додели и парична награда за првото место. Директорката на училиштето, м-р Билјана Славевска ги поздрави присутните родители, гости и пензионерите од Општина Дебрца, по што дечињата се претставија со креативни балетски и ритмички точки, а одржаа и рецитал и пантомима. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука