мај 4, 2017

Скопје, 4. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре во хотел „Порта“ во Скопје со почеток во 12 часот ќе се одржи голема национална конференција за лица со посебни потреби во Македонија.

Со цел да се утврдат можностите за унапредување на процесот на социјална инклузија, социјална кохезија, како и спречување и заштита на лицата со посебни потреби од дискриминација, експерти од владиниот и невладиниот сектор ќе заземат учество на конференцијата која го носи името: „Унапредување на механизмите за спречување и заштита од дискриминација на лицата со посебни потреби во Македонија”.

Националната конференција е во организација на Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп, а се организира како заокружување на проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лицата со посебни потреби во Република Македонија“, кој во земјата се имплементира во периодот од ноември 2015 до мај 2017 година.

Целта на овој проект беше да се промовираат и да се зајакнат партнерствата помеѓу различни организации, јавни институции и приватниот сектор, со цел градење на капацитети за подобрување на социјалните услуги, мрежите, местата за работа и учење на оваа група на граѓани. Проектните активности целеа кон зголемено и олеснето исполнување и уживање на човековите права на лицата со посебни потреби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука