октомври 3, 2022

Скопје/Охрид, 3. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерството за образование и наука ги објавија листите на бруцоши примени во студентските домови.

Согласно Конкурсот кој што беше претходно објавен, во охридскиот студентски дом „Никола Карев“ на располагање се 242 легла, од кои 48 за бруцоши и 194 за студенти од втора до четврта година.

– Сместување со партиципација обезбедија 24 бруцоши, 16 се ослободени од плаќање за сместување и партиципација, додека осум барања за сместување се одбиени, информираат од министерстовото.

Право да побараат прием имаат редовни студенти кои се државјани на Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години. Право на прием во државните студентски домови имаат и редовни студенти кои се запишани на јавните универзитети и високообразовни установи во Македонија, а се избрани со конкурси, одлуки, решенија, договори и сл. и тоа: владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билатерални договори и слично. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука