Манчестер, 13. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – По сите статистики, пресметки и очекувања, екипата на Манчестер Сити најверојатно ќе биде новиот шампион на Премиер лигата.
„Граѓаните“ оваа сезона играат вонсериски фудбал, немаат пораз, а пред две седмици им беше прекината серија од 19 победи во низа, откако одиграа само 0-0 против Кристал Палас.
Де Брујне, Силва, Стерлиг, Сане, Агуеро… играат во топ-форма, а дефинитивно најзаслужен за тоа е менаџерот, Пеп Гвардиола. Шпанецот оваа сезона успеа да го состави целиот мозаик и од Сити да направи тим кој ќе „тероризира“ на домашна и на европска сцена.
Неговата напорна работа оваа сезона на неколку пати беше наградена, а со последното признание стана единствениот стратег, кој во една сезона бил прогласен четирипати по ред за најдобар менаџер на месецот. Пеп ова признание го освои за месец септември, октомври, ноември и декември.
За најдобар играч за месец декември беше прогласен првиот ас на Тотенхем, Хари Кејн, додека најубавиот гол го постигна Џермејн Дефо на дуелот против Кристал Палас. (Крај)
https://www.youtube.com/watch?v=0_HlpFBouj8
извор: Гол.мк фото: ПЛ