Охрид, 10. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со технички состанок и прв тренинг, ГРК Охрид ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во Супер лигата, во која „гладијаторите“ ќе играат во плеј-офот.
– На првата прозивка беа и новите засилувања на клубот кои, според најавите на управата и стручниот штаб, ќе се комплетираат во наредните денови и со други имиња. Со нив Охрид цели далеку во плеј-офот, најавувајќи борба за врвот на табелата и, доколку се укаже можност, атак на местата кои водат во Европа, велат од клубот.
ГРК Охрид во наредните пет недели интензивно ќе се подготвува за продолжението на првенството, период во кој ќе бидат одиграни и неколку контролни натпревари.
Инаку, засега во овој преоден рок ракометниот клуб се засили со две нови имиња, Стефан Дрогришки и Словенецот Гал Цирар, кои ќе го носат сино-белиот дрес до 2024 година. Кон крајот на минатата година, пак, ГРК Охрид спогодбено ги раскина договорите со Тоше Ончев и Стефан Бошкоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива