февруари 23, 2018

Охрид, 23. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Да се прави дистинкција помеѓу спортска планинарска активност и туристичка активност на планина, децидни се од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.

Според генералниот секретар на асоцијацијата, Антонио Додевски, навидум изгледаат исто, но не се исти токму поради имплементирањето на многу различни стандарди.

– Во туризмот работиме многу често со луѓе којшто воопшто не се искусни за таа работа и одговорноста за организирање на целата тура е наша, не само за безбедноста на клиентите туку и за нивното уживање и доживување на дестинацијата. Од друга страна, она што е спортска активност од страна на спортските клубови, членови на федерациите, каде сите учесници би требало да бидат соодветно обучени, во одреден тренажен процес, за да можат да ги изведуваат тие активности. Треба сите да ги познаваат правилата на однесување, на користење на опремата и во голема мерка иако и таму постојат правила за водење на одредена група, сепак таму одговорноста си ја сносат самите луѓе кои се учесници, бидејќи се спортисти, кои по законот за спорт треба да имаат осигурување од спортска незгода, здравствени прегледи, соодветно регулирано членство во некој клуб, истакнува Додевски.

antoniododevskiКога станува збор за туристичка активност се работи можеби со неискусни луѓе, кои плаќаат за услугата. Улогата на водичот е соодветно да ја испорача, да направи проценка дали луѓето имаат соодветна опрема, дали временските услови се поволни. Малку е поразлично кај планинарските клубови, додава Додевски.

И покрај апелите од нивна страна, сепак постојат значителен процент тури кои се водени од несоодветно обучени лица.

– Точно е дека постојат одредени агенции кои заради пониска цена и други причини ангажираат водичи кои не се сертифицирани и лиценцирани иако во Законот за туристичка дејност јасно е нагласено дека за водење клиенти во планина потребно е водичот да има сертификат издаден од соодветна надлежна асоцијација, вели Додевски. Тој повика и на поголема одговорност од страна на инспекторатот за туризам кој веројатно недоволно врши контрола по ова прашање.

Во земјава момнтално со лиценца интернационален водич во планина се 140 лица. Од нив само 40 се со статус активно членство Со оглед на тоа што Република Македонија има перспектива за планинскиот туризам, потребни ни се 300 до 400 добро обучени лиценцирани водичи, кои во соработка со туристичките агенции би можеле да креираат и спроведат квалитетен производ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука