Денеска започнува реконструкцијата на западната трибина на стадионот во Охрид
декември 9, 2024

Охрид, 9. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска треба да започне реконструкцијата на западната трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Проектот за изградба на новата западна трибина беше предаден од страна на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) до Општина Охрид во октомври годинава. Според истиот, новата западна трибина се очекува да има капацитет од 3.500 седишта и дополнителни простории, вклучувајќи и осум скај-боксови за VIP зони. Ова е вториот инвестициски проект на федерацијата во стадионот во Охрид, по изградбата на источната трибина според меѓународни стандарди.

Покрај инвестициите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), со овој договор Општина Охрид се обврзува да ги изгради и двете трибини зад головите, како и осветлувањето, со што стадионот ќе се трансформира во модерен спортски објект спремен за одржување на меѓународни натпревари, вклучувајќи ги и оние на македонската репрезентација.

Според најавите од локалната самоуправа, на настанот ќе бидат присутни претставници на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)

извор: gol.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука