март 30, 2018

Охрид, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Синдикатот на прилепски „Еурокомпозит“ го стави штрајкот во мирување и од понеделник вработените ќе се вратат на работа откако генералниот директор, охриѓанецот Александар Кузески поднесе неотповиклива оставка.

Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, смената на раководството беше еден од условите за протести и штрајк.

– По дописот од Владата дека генералниот директор Александар Кузески си поднесе неотповиклива оставка, која веќе е објавена на огласната табла во компанијата, како синдикат донесовме одлука штрајкот да го ставиме во мирување. Заминувањето на раководството од фабриката беше еден од условите за простести и штрајк, изјави Богданоски.

Тој вели дека се уште не е назначен нов генерален директор, иако има најави дека ќе биде од Прилеп.

– Од понеделник, 2-ри април, ќе продолжи работниот процес во погоните на „Еурокомпозит“. Има работа по договори за странство и за МВР. Ќе очекуваме назначување нов директор. Со Владата е договорено во наредните шест месеци да добиваме по една нето плата и да се реши ситуацијата во компанијата, рече Богданоски.

Кузески е поранешен портпарол на ОО на СДСМ од Охрид и Секретар на локалната партиска организација. (Крај)

извор: А1Он/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука