октомври 28, 2017

Копенхаген/Охрид, 28. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Универзитетот „Алборг“ во Копанхаген, Данска, е прогласен за најдобриот европски универзитет за инженерство, а дел од оваа институција е и професорот Петар Поповски од Охрид, кој е еден од најуспешните македонски научници што работат во странство.

Се најде на осмото место на светската листа, која ја предводат универзитетите „Цинхуа“ во Пекинг (прво место), Националниот универзитет во Сингапур (второ) и Институтот за технологија во Масачусетс, попознат како МИТ. Рангирањето го направија Best Global Universities, а го објави U.S.News&worldreport.

– Најдобриот универзитет за инженерство во Европа. Не е лошо, вели Поповски на својот статус на социјалната мрежа Facebook. Американскиот медиум пишува дека овие најдобро позиционирани универзитети од цел свет покажале врвни резултати продуцирајќи истражувања поврзани со различни инженерски предизвици. Тука се вклучени вселенско инженерство, механичко, електро и цивилно инженерство. Сите се засноваат на основниот инженерски концепт на употреба на математика и наука да решаваат проблеми, пишува U.S.News & world report.

Член на данската Академија за технички науки (ATV)

Поповски во 2004 станал доцент на Универзитетот „Алборг“, каде што денес е професор. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Вели дека таму го добил вистинскиот интерес за теоретски истражувања.

– Имавме курсеви од математика, процесирање на сигнали и, секако, телекомуникации, кои беа навистина на високо ниво и скроени на начин да побудат љубопитност и интерес. Телекомуникациите се силно поврзани со веројатност и статистика, работи за кои имав интерес уште од средното насочено образование во Охрид. Исто така, бев дел од една амбициозна и мотивирана група студенти, што многу значи за личниот развој и за стимулирање на академскиот профил, истакна своевремено Поповски во интервју за Факултети.мк.

Универзитетот „Алборг“ во Копенхаген

Тој беше вклучен во проектот METIS – првиот голем европски проект за безжична 5G-технологија. Денес е најмногу насочен на фундаментални истражувања за Internet of Things. Лани беше еден од петтемина добитници на наградата EliteForsk, која ја доделува министерството за високо образование и наука на Кралството Данска, а годинава го примија во данската Академија за технички науки (ATV).

Најдобрите 20 во светот

На листата со најдобрите 20 универзитети во светот се најдоа: Nanyang Technological University, Сингапур, University of California-Berkeley, САД, Harbin Institute of Technology, Кина, Zhejiang University, Кина, Aalborg University, Данска, Imperial College London, Обединетото Кралство, University of Malaya, Малезија, Shanghai Jiao Tong University, Кина, Swiss Federal Institute of Technology Zurich, Швајцарија, Stanford University, САД, Georgia Institute of Technology, САД, University of Michigan-Ann Arbor, САД, City University Hong Kong и Hong Kong Polytechnic University, Хонг Конг, École Polytechnique Federale of Lausanne, Швајцарија, University of Illinois, САД, Delft University of Technology, Холандија. Од нашето опкружување, на листата има најмногу институции од Грција, но и од Србија, Хрватска и од Словенија. На 138. позиција се најде National Technical University од Атина, на 153. место е Aristotle University од Солун, на 279. место е рангиран Универзитетот во Белград, на 309. Универзитетот во Љубљана, а на 329.  Универзитетот во Загреб. На листата има вкупно 600 институции.

Минатата година Поповски беше еден од петтемина научници кои се закитија со највисокото државно признание од областа на науката и восоката технологија што го доделува Министерството за високо образование и наука на Кралството Данска. (Крај)

извор: Факултети.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука