мај 16, 2018

Ливерпул, 16. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Англискиот тренер Сем Алардајс беше отпуштен од Евертон само 7 месеци откако беше назначен на тренерската позиција, потврди клубот преку официјалната веб страница. Како прв на листата потенцијални заменици се најде Португалецот Марко Силва, кој последен пат работеше како тренер на Вотфорд.

Популарниот „Big Sam“ пристигна на клупата на Евертон кон крајот на ноември, кога клубот се наоѓаше во голема криза, а оттогаш тој заврши солидна работа и Евертон заврши на осмото место на табелата во Премиер лигата со 49 освоени бодови.

На почетокот на сезоната тимот на Евертон го водеше Роналд Куман, но тој доби отказ поради слабите резултати во првите неколку кола. Холанѓанецот ја посочи вината за лошите резултати во раководството, кое решило да го продаде Ромелу Лукаку, кој две години беше најопасната опција во нападот на Евертон.

Според првите најави, нов тренер на Евертон би требало да биде Марко Силва, кој оваа сезона беше на кормилото на Вотфорд, додека лани беше тренер на Хал Сити. Во неговата кариера тој работеше и во Олимпијакос, Спортинг Лисабон и Есторил. Ако тој биде назначен за нов тренер, тогаш Вотфорд најавија дека ќе го тужат Евертон бидејќи нелегално преговарале со Силва додека тој уште бил под договор со Вотфорд.

Во наредните неколку дена ќе се знае следниот тренер на Евертон, а кој и да биде назначен ќе има многу тешка задача да го дигне клубот едно скалило погоре и да го направи стандарден учесник во европските натпреварувања. (Крај)

извор: Кајгана фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука