Езерскиот водостој продолжува да се намалува, денес е на 3 сантиметри под минимално дозволената кота
ноември 29, 2024

Охрид, 29. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро и понатаму се намалува.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,07 м.н.в, што е пак за 22 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,29 м.н.в) и 3 сантиметри под минимално дозволената кота 693,10 м.н.в. Температурата на езерската вода, измерена утрово е 11 степени, што е за 1,9 степени пониска од просекот за овој период од годината.

Изминативе пет дена водостојот е намален за три сантиметри. Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress започнавме со рубриката „До кај сме“ каде секој ден ќе објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Времето денес во Охрид претежно облачно, со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 10. степени.

– Под влијание на влажна и студена воздушна маса изутрина до понеделник претпладне времето ќе биде претежно облачно, со појава на магла и со повремени врнежи од дожд, кои наместа и особено на западот и југот ќе бидат поројни и пообилни (над 50 l/m2). На планините врнежите ќе бидат од снег, а утре на повисоките места и во некои пониски ќе бидат од дожд и снег. На планините ќе се формира значителна снежна покривка, а особено во сабота во западните делови снежна покривка ќе се создаде и во дел од пониските места, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор:ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука