Емин Алим: Берберскиот занает почнав да го учам на 13 години, а самостојно работам веќе три години
декември 5, 2024

Охрид, 5. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охридски бербер Емин Алим повеќе од еден месец успешно ја спроведува акцијата „Бербер за СИТЕ“, наменета за сите лица кои од повеќе причини, не се во состојба и можност, да дојдат лично во берберницата и да ги користат нивните услуги.

Со младата охридска занаетчиска надеж од бербер шоп „Шогун“ разговараме за неговите почетоци, бројните спроведени хуманитарни акции за нашите сограѓани, како и за неговите планови во иднина.

Супер радио: Емин на почеток да се претставиш, за оние кои можеби недоволно те познаваат и од кога почна да го „печеш“ занаетот и колку време веќе работиш?

Алим: Јас сум Емин Алим, имам 19 години. Занаетот почнав да го учам од 13 годишна возраст, а самостојно работам веќе три години.

Супер радио: Толку млад, а зад себе веќе имаш доста направено. Бесплатно ги потстрижуваш ранливите категории граѓани во Охрид, кои не се во можност да одвојат средства за оваа намена. А најновата акција е „Бербер за СИТЕ“. Кажи ни за кого е намената?

Алим: Точно, најнова акција е „Бербер за СИТЕ“, наменета е за постарите и изнемоштените лица кои не можат да посетуваат бербер, затоа јас одам во нивните домови и ја вршам берберската услуга. Оние кои имаат ваква потреба може да се јават на телефонот 070/944-641 и да се договориме. Паралелно со ова и понатаму тече акцијата за бесплатно потстрижување на социјално ранливите категории граѓани.

Супер радио: Каков е интересот досега, колку си задоволен од текот на акцијата?

Алим: Интересот е одличен, јас сум задоволен како тече акцијата и се надевам дека во иднина побарувачката ќе е многу поголема.

Супер радио: Покрај ова и претходно со твојот татко Неат Алим имате направено бројни хумани мисии. Колку за тебе е тоа сатисфакција, поука за работата во иднина?

Алим: Тому така, со мојот татко имаме направено доста хуманитарни мисии. Сакам да им помагам на луѓето и во иднина ќе продолжам така. Како поука можам да извлечам и по која се водам, тоа е направи добро за добро да се врати.

Супер радио: Колку влијаеш на околината работејќи го ова, дали можеби твои другари носат одлука и тие да се занимаваат со некој занает?

Алим: Можам да кажам дека доста влијаам. За моите другари сепак можам да кажам дека сѐ зависи од нив, некои сакаат да учат занает, некои имаат желба да продолжат на факултет, па и нешто повисоко, на крај на краиштата тие ја носат конечната одлука. Но, доколку побараат совет од мене ќе го добијат во секој момент.

Супер радио: Кај вас, во бербер шоп „Шогун“, постојано се случува нешто нови, па кои се плановите за претстојниот период?

Алим: Секако, имаме и нови планови за во иднина. Можно е за празникот Божиќ да има изненадување, но засега нека биде како најава. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука