Живка Ангелоска e член на новиот Извршен одбор на СДСМ
ноември 28, 2024

Скопје/Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Живка Ангелоска од Општинската организација на СДСМ од Охрид е нов член на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ. Ова е дел од одлуките на синоќешната седница на новиот состав на Централниот одбор на СДСМ.

– Живка Ангелоска своето долгогодишно партиско искуство го темели врз лојалност кон партиските тези и идеали. Повеќе години го претставува гласот на охриѓани и на општинската организација на СДСМ во Советот на Општина Охрид како советник, своевремено како Претседател на Совет и како моментален координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата. Извонреден познавач на општинската работа, на партиските структури, но пред се’ внимателен слушател на потребите на граѓаните и сопартијците, порачаа од ОО на СДСМ од Охрид.

За нови организациски секретари се избрани двајца – поранешниот пратеник и актуелен член на ЦО, Мартин Костовски од Куманово, и Љупчо Фармакоски од Општинската организација на СДСМ во Центар. За нови партиски потпретседатели се избрани Кристина Костова од Штип, која е член на ЦО на СДСМ, Менде Илиевски од Битола, кој член на Советот во таа општина, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова и професорката од Правниот Факултет, Ана Чупеска.

Венко Филипче СДСМ

– Оваа енергија, оваа одлична атмосфера што ја имавме, е само доказ дека консолидацијата не само што е започната, туку таа многу добро се одвива на сите нивоа во партијата. Вечерва избравме луѓе коишто имаат многу силен личен интегритет, многу знаење и искуство во своите области на делување претходно, коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот кој што следи, оцени партискиот претседател Венко Филипче по седницата.

Најави дека партијата веќе има план за многу силна и многу интензивна работа што почнува веднаш, план за посета на сите општински организации, со дадени насоки за промена во делувањето, во комуникацијата со луѓето и во начинот на кој што ќе допрат до членовите и симпатизерите.

– Оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект – веќе пристапуваат, поради тоа што сме подготвени да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови и симпатизери во процесот на креирање на политики, додаде Филипче. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука