Жителите на Климештани протестираа против каменоломот во близина на селото
ноември 30, 2024

Охрид, 30. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на селото Климештани, што се наоѓа 15-тина километри од Охрид, денеска одржаа протест со блокада на каменоломот, лоциран во непосредна близина на селото.

Тие порачаа дека барањата испратени до фирмата која го управува овој каменолом не се исполнети и дека сите законски рокови се пробиени.

– Селото Климештани е покриено од прашина, а минирањето ни ги оштетува куќите. Земјоделските насади ни се загрозени, како и водоснабдувањето, стои во повикот на жителите, објавен на социјалните мрежи.

– Дополнително, патот кој води до селото е целосно уништен, иако градоначалникот на Дебрца – Зоран Ногачески склучил договор со Усеини дека патот мора да биде реконструиран од страна на концесионерот, порачаа од партијата Левица, чиј претставник на протестот беше пратеничката Јована Мојсоска, заедно со членови на локалниот огранок од Охрид.

Од Левица најавија дека ќе побараат информации под кои услови добил концесија советникот од ДУИ, Нефи Усеини и дали ги исполнува целосно обврските од договорот.

– Со оглед на скандалите во минатото кои се поврзуваат со Нефи Усеини, имаме сериозни сомнежи за незаконитости со договорот за екплоатација и ги повикуваме и медиумите да се заинтересираат за најновиот бизнис на Нефи Усеини, додаваат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука