Жителите на Климештани утре на протест против каменоломот во близина на селото
ноември 29, 2024

Охрид, 29. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на селото Климештани, што се наоѓа 15-тина километри од Охрид, утре ќе одржат протест со блокада на каменоломот, лоциран во непосредна близина на селото.

– Драги Климештанци, драги сограѓани, македонски народе, ве повикуваме оваа сабота на 30-ти ноември 2024 година, да ни се приклучите на протестот и блокадата на каменоломот во Климештани. Нашите барања кон фирмата која го управува овој каменолом не се исполнети. Сите законски рокови се пробиени и затоа нас единствено ни останува да одиме на протест. Селото Климештани е покриено од прашина, а минирањето ни ги оштетува куќите. Земјоделските насади ни се загрозени, како и водоснабдувањето, стои во повикот на жителите, објавен на социјалните мрежи.

Додаваат дека немаат време да чекаат на милост или немилост од одговорните.

– Ги земаме работите во свои раце. Приклучете ни се, додаваат жителите на селото Климештани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука