март 17, 2018

Охрид, 17. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – По големото невреме и оштетувањата на делови од крајбрежјето, итно беше свикана седница на Кризниот штаб, предводена од Градоначалникот Јован Стојаноски.

Направена била првична анализа на штетата и биле договорени насоки за делување. Силниот ветар, кој дуваше со брзина од над 90 километри на час, предизвика штета на повеќе места на крајбрежјето на Охрид. Нивото на Охридското Езеро е на  693,78 метри, односно на 3 сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри. Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека во реката Црн Дрим во моментовсе испуштаат по 20 метри кубни вода во секунда. Екипите на Јавните претпријатија цел ден беа на терен и расчисуваа, а противпожарната единица имаше осум интервенции на паднати оџаци. Најголеми оштетувања има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад.

– Веднаш излеговме на терен за да се констатира состојбата и соодветните екипи ќе бидат цела вечер на терен. Рано наутро, од 05:00 часот започнуваме со интензивно чистење на градот. За жал, Охрид го зафати едно силно невреме кое долго не се памети во нашиот град, меѓутоа очекуваме ситуацијата да се стабилизира во текот на ноќта, изјави Градоначалникот Стојаноски.

Во акцијата која ќе започне утре ќе бидат ангажирани човечки и други ресурси од сите Јавни претпријатија.

– Сите работници ќе бидат подготвени да помогнат секаде каде е најпотребно со алат и механизација за санирање на штетите, информираат одговорните, од каде ги информираат сите правни и физички лица кои се оштетени од невремето од понеделник да поднесат барање за обештетување.

Се апелира и на соодветна регулација на сообраќајот во стариот дел на Охрид за да и` се излезе во пресрет на механизацијата и истата да може нормално да работи на средување на штетите.
Метеоролозите и за утре најавуваат локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.

– Потоа во наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со кратки сончеви периоди и со повремени врнежи од дожд, а на планините врнежите ќе бидат од снег. Во недела и понеделник на места врнежите ќе бидат пообилни. Од среда се очекува позначително заладување со умерен северен ветер, а ќе има повремени врнежи од дожд и снег, освен во крајните југоисточни делови каде ќе бидат претежно од дожд, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива видео: Balkanoholik

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука