Охрид, 24. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со симболично исклучување на осветлувањето на неколку локации, Охрид петта година по ред, заедно со волонтерите од Црвениот крст од Охрид, се приклучува кон акцијата за одбележувањето на „Часот на планетата Земја“.
Во знак на поддршка, вечерва од 20:30 часот до 21:30 часот, ќе биде исклучено осветлувањето од црквата „Св. Јован – Канео“, „Самоиловите тврдини“ и на плоштадот кај Мини маркет. Истовремено, волонтерите од охридскиот Црвен крст со свеќи ќе го направат заштитниот знак на манифестацијата „60+“.
Со симболичното исклучување на осветлувањето, милиони луѓе ширум светот повторно ќе испратат порака за спас на планетата Земја. Годинава во мрак ќе потонат над 8.000 градови во преку 180 држави ширум светот.
Започна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, за сега „Часот на планетата Земја“ да се одбележува како глобален настан. Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, „Часот на планетата Земја“ оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биолошката разновидност и природата под мотото „Поврзи се со планетата“, односно #Connect2Earth. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива