„Збогум Буково“: Во сабота консултативна средба и дискусии за соодветно затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“
ноември 4, 2024

Охрид, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Без здравје сѐ е ништо! Збогум Буково“, а во организација на иницијативата „Збогум Буково“ и нивните поддржувачи, во сабота, на 9-ти ноември на Градскиот плоштад во Охрид, од 12:00 часот ќе се одржи консултативна средба и дискусии за потребата итно да се интервенира за затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“.

– На овој настан ќе добиете можност да ја изразите својата поддршка на основната мисија на нашето здружување, а тоа е распознавање на сериозноста од ненавременото решавање на проблемот со дивите депонии „Буково“ и „Мауцкер“, уште посериозната потреба за надминување на сите пречки за започнување на изградбата на Регионалната депонија и важноста од санирање и ремедијација на дивите депонии од докажан и сериозен оператор во областа. Сите охриѓани и граѓани од околината ќе добиете можност да се информирате за штетните ефекти на дивите, нестандардни депонии врз нашето здравје и што значи постоењето на стандардна депонија, велат од „Збогум Буково“.

Додаваат дека нивна визија е „Буково“ да биде место за пикник за идните генерации, наместо извор на загадување и срам за нашата генерација.

Иницијативата „Збогум Буково“ досега е поддржана од над 50 организации, месни заедници и голем број на граѓани. Неодамна јавно побараа од Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се договорат и вклучат во регионалниот систем за управување со отпад, да се надминат сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани на општината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука