Земон: Васко Саздовски ми беше колега во Унивeрзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, беше врвен научник, прекрасен и скромен човек
ноември 2, 2024

Охрид, 2. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Васко Саздовски ми беше колега во Унивeрзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Беше врвен научник, прекрасен скромен човек, порача професорот Рубин Земон за Саздовски, кој трагично го загуби животот на железничката станица во Нови Сад.

– Васко Саздовски ми беше колега во Унивeрзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Последен пат се сретнавме случајно пред месец дена во Скопје. Врвен научник, прекрасен и скромен човек, со кого секогаш можеше да се разговара конструктивно за секоја проблематика. За жал се најде на погрешно време, во погрешно место на железничката станица во Нови Сад. Голема трагедија за семејството, а Македонија загуби еден врвен научник по роботика. Вечна ти слава и помен Васко, напиша Земон.

Според информациите на белградска „Политика“, 45-годишниот Васко Саздовски бил научник кој работел на Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде се истражуваат и развиваат информациски технологии во земјоделството.

– Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. И претходно имаше научна кариера, изјави директорот на „Биосенс“, Владимир Црноевиќ за „Политика“.

Колегите на Саздовски велат дека Васко работел на новосадскиот Институт нешто повеќе од една година, а речиси секој викенд го минувал во Македонија, со сопругата и двете деца. На пат тргна и вчера претпладне, на 1. ноември 2024 година.

Во Нови Сад од денеска до понеделник се денови на жалост поради трагичната смрт на 14 лица врз кои се урна масивна бетонска натстрешница на влезот на железничката станица. Тој дел од станицата, според тврдењата и на кинескиот изведувач на работите и на претставници на српската држава, не бил предмет на реконструкција на објектот. (Крај)

извор: ОхридПрес/Политика фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука