Охрид, 28. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Веста за протерување на еден диломат на Руската федерација од земјава внесе немир кај охридските земјоделци.
Ова од причина што најголемиот дел од земјоделските производи од Македонија долги години наназад се пласираат на рускиот пазар.
Охридскиот земјоделец Ванчо Стојаноски, кој 20-на години се занинава со оваа дејност, вели дека подлабоко и пошироко ги следи работите во земјоделието во Македонија, а и некои односи помеѓу европските членки, но и односот кон земјите кои се кандидати за влез во Унијата.
– Изненадувачка за нас земјоделците беше одлуката да ги заостриме односите со Русија. Внесе немир и страв кај нас бидејќи најголемиот дел, преку 90% од земјоделските производи во Македонија долги години наназад се пласираат на рускиот пазар. Пред неколку години од Македонија се бараше да потпишеме трговско ембарго со Русија. Тоа нашата земја, а и Србија не си го дозволија, вели Стојаноски.
Посебно загрижува и најавата од руска страна дека земјава ќе сноси последици.
– Русија кажа уште пред неколку месеци, како што ЕУ воспостави трговско ембарго кон нив, така и тие со истата мерка ќе возвраќаат и кон другите земји. Еден ваков потег не оди во прилог на економијата на Македонија па и на политичките односи, потенцира Стојаноски.
Како што вели тој, светот има четири страни, па мора да се контактира и соработува со целиот свет и на економско и на политичко ниво. Конкретно за македонските производи, рускиот пазар е отворен за сите земјоделски производи. Русите имаат полабава регулатива за увоз на храна и додека не се средиме ги користиме можностите на тамошниот пазар.
– Додека пак членките на ЕУ се ригорозни. Ако ги задоволувате здравствените норми за производот, знаат да наметнат и други клаузули што ние не можеме да ги исполниме. Секако тоа го прават со цел да си го заштитат нивниот пазар, подвлече Стојаноски.
Охридските земјоделци веќе контактирале со задруги од Србија. Стојаноски уште еднаш повтори дека ваквата одлука е несфатлива, не би сакале да се остварат нивните сомнежи, но опомените од руската страна се веќе стигнати. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива