јуни 4, 2018

Охрид, 4. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со изнесување на завршните зборови од страна на Јавниот обвинител и бранителот на обвинетиот Бојан Угреновиќ, денес продолжи главната расправа во повтореното судење за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски, а утре ќе биде соопштена пресудата.

Јавниот обвинител истакна дека во текот на доказната постапка биле изнесени докази кои говорат за несомнена кривична одговорност на обвинетиот за кривичното дело „убиство“ за кое се товари.  Тој истото го поткрепи со изјавите на сведоците и медицинските вештачења. Она што било понудено како олеснителна околност, според обвинителот имало минорна важност во утврдување на висината на казната и побара обвинетиот да се казни согласно законот.

Адвокатот на обвинетиот Угреновиќ изрази жалење за непосакуваниот исход на настанот за време на новогодишната ноќ. Рече дека исказите на сведоците не можат да ја потврдат динамиката на настанот онака како што е наведено во обвинителниот акт. Додаде дека одбраната не гледа вина кај Угреновиќ да изврши убиство и дека најтешка квалификација што може да стои е „телесна повреда после која настапила смрт“. Адвокатот предложи Угреновиќ да биде ослободен од обвинение за кривичното дело кое му се става на товар.

По изнесување на завршните зборови, судијката донесе одлука утре да биде соопштена пресудата.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, Србија на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука