Скопје, 21. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Треба да го добијам извештајот, и на Влада ќе се разгледува. Разговарав со сите инженери на овој пат, тој извештај е во финална фаза, можеби ќе пристигне уште утре, но ЈП ќе достави информација на Влада, изјави министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски за дебатниот магазин Click Plus на Тв21.
Бочварски вели дека договорот има краен рок за изведба до 31-ви декември 2023 година, но тоа значи дека ако не бидат завршени работите, тогаш треба да се разговара на кој начин државата ќе продолжи со тој проект.
– Дали ќе се раскинува договор, дали ќе се почнат преговори за нов договор, продолжување на рокот. Суштински, она што се случува на терен е дека имаме 11 свлечишта кои се појавија во изминатиот период, додава Бочварски.
За проблемот со 11-те нови свлечишта кои ја одолговлекуваат изградбата на патот од Кичево до Охрид неодамна зборуваше и премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски. Тој отвори дилема дали кинескиот изведувач и неговите подизведувачи имаат капацитет да го завршат овој проект и дека тоа ќе биде предмет на анализа која што во моментов ја прави државната фирма за патишта. Истакна дека има ревизија во однос на финансиските аспекти и во однос на процедуралните аспекти.
Изградбата на автопатот, проектиран со вкупна должина од 57 километри, почна во 2014 година и од првично предвидените 374 милиони достигна вредност од 598 милиони евра. Не е завршен и покрај неколкуте анекси на Договорот со кинески „Синохидро“ со кои беа продолжени роковите. (Крај)
извор: Тв21 фото: Тв21