Календар на МПЦ-ОА: Свети бесребреници Козма и Дамјан
ноември 14, 2024

Охрид, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на Светите бесребреници Козма и Дамјан.

Во Црквата, бесребреници се нарекуваат оние светители, на кои Бог им дал голем дар да чудотворат, т.е. да лечат од секакви болести. Тоа го правеле пред сé со силата на Светиот Дух, иако имале и медицинско образование. Свети Козма и Дамјан се многу познати во народот. Многу цркви им се посветени во Македонија, па и некои лекарски друштва го носат нивното име. Биле родум од Мала Азија. Мајка им била христијанка и ги воспитала во Христовиот дух. Се упокоија во местото Фереман, а погребани се еден до друг. И по нивното напуштање на овој живот, тие продолжија да ги исцелуваат оние кои ги повикуваат во молитвите.

Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника, на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар). Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Овој празник меѓу народот е познат како Свети врачи или едноставно како Световрача. Зборот врач (враж) и денес во некои словенски јазици (во рускиот јазик) значи лекар. Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи – летни) и на 1 ноември (според стариот календар).

Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.

Житие

Бесребреници и чудотворци. Браќа по тело и по дух, родум негде од Азија, од татко незнабожец и мајка христијанка. По смртта на татко им нивната мајка Теодотија целото време и труд ги даде на тоа да ги подигне и воспита синовите како вистински христијани. И Бог и’ помогна, та нејзините синови израснаа како две слатки овошки и како два светилници на светот. Беа научени на лекарската вештина и бесплатно им помагаа на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос. Ги нарекоа бесребрени лекари, бидејќи лечеа бесплатно и така ја исполнуваа Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10, 8). Беа толку внимателни во бесплатното лечење на луѓето што Козма вистински се налути на својот брат Дамјан зашто овој зеде три јајца од една жена Паладија, па нареди Козма по неговата смрт да не го закопуваат до брат му Дамјан. Всушност Свети Дамјан не ги зеде оние три јајца како награда зашто ја исцели болната Паладија, туку затоа што таа го заколна со Пресвета Троица да ги земе оние три јајца. Сепак по нивната смрт, во местото Фереман беа закопани заедно според Божјо откровение. Овие Свети браќа беа големи чудотворци и за време на животот и после смртта. На еден слуга на спиење му се беше вовлекла змија низ устата во стомакот и кутриот човек ќе издивнеше во најтешки маки, ако во последен миг не ги повикаше на помош Светите Козма и Дамјан. Така ги прослави Господ со чудотворство засекогаш оние коишто Го прославуваа Бога на земјата со вера, чистота и милост.

Тропар

Свети бесребреници и чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи; бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Кондак

Откако примивте благодат за исцеленија, им давате здравје на оние што се во неволја, лекари и чудотворци преславни! Но, со вашата посета, соборете ја дрскоста на воините, лекувајќи го светот со чудеса. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука