Календар на МПЦ-ОА: Свети Иларион Мегленски
ноември 3, 2024

Охрид, 3. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани го прославуваат денешниот ден во чест на Свети Иларион Мегленски.

Роден е од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молеше на Бога да ѝ даде едно дете и заради нејзините молитви ѝ се јави Пресвета Богородица и ја утеши со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имаше три години, од неговите усни непрестајно се слушаше песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“

Добро школуван, тој се замонаши во својата осумнаесетта година и основа манастир со типикот на свети Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј, во 1134 година го ракоположи за епископ Мегленски. Свети Иларион речиси сиот живот водеше голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но, со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрами сите и мнозина од нив ги приведе кон Православието.

Се упокои мирно во Господ во 1164 година.

Тропар

Откако се јави како чудо на уверувањето, си засветлил со делата на Божјите добродетели; си ги водел монашките заедници, си ги исчистил архиерејските седишта; откако не се поколеба од еретичките напади, си ја воздигнал Црквата Христова, преподобен Иларионе. Откако умре спиејќи, твоето тело остана сочувано цело и нераспадливо, и дава исцеленија на болни од разни болести, и прогонува демони. Поради ова те молиме: Моли се, да се спасат душите наши.

Кондак

Како светлоносен се покажа твојот спомен, архиереју, го растера мракот на очајанието, и блесна светлината на небесните дарови, сите на радост повикувајќи ги, зашто си примил благодат од Бога, Иларионе, и си бил скала на монасите. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука