Казањ, 28. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Мирослав Ѓукиќ беше во право пред почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија во поглед на амбициите на Србија за минување на групната фаза. „Само да не дозволиме да се вадиме против Бразил“, рече менаџерот на белградски Партизан во пресрет на дуелите на репрезентацијата на северниот сосед во Е конкуренцијата.
И без тоа беше јасно оти патот до осминафиналето за „орлите“ водеше преку Костарика и Швајцарија, „кариоките“ беа само прилика за уживање на мундијалската сцена. Но, наместо тоа, се случи спротивното. Костариканците беа архивирани, Швајцарците не, па поправниот за составот на Младен Крстаиќ беше најтешкиот можен испит.
Бразил триумфира во меѓусебниот меч со 2:0 за прво место во групата Е и судир со Мексико во осминафиналето. Паулињо погоди во 36. минута, Тиаго Силва во 68. минута за нови три бода за тимот на Тите.
Втор патник во нокаут фазата од групата Е е селекцијата на Швајцарија која ремизира (2:2) со, веќе елиминираната, Костарика. Блерим Џемаили во 31. минута и Јосип Дрмиќ во 88. минута реализираа на Швајцарците, Кендал Вастон во 56. минута и Јан Зомер (автогол) во третата минута од судиското продолжение беа стрелци на погодоците за Костариканците.
Претходно Јужна Кореја со 2:0 ја победи Германија и ја испрати дома, додека и покрај поразот од Шведска од 3:0 Мексико и скандинавската селекција се пласираа во 1/8 финалето.
Денеска е последнотo коло од групната фаза а силите ќе ги одмерат: Јапонија-Полска,Сенегал-Колумбија,Панама-Тунис и Белгија-Тунис.(Крај)
извор: НоваТв фото: архива