Скопје, 25. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Публиката ја пречека со силен аплауз, и сосема заслужено а ја испрати на нозе, пеејќи го заедно со неа новиот хит, „Ѕвона“. Каролина Гочева и нејзините фанови успешно го скршија мразот на првиот, од седумте закажани концерти, сношти во МОБ, пишува Женскимагазин.
Песните од новиот албум „Извор“, беа повод за оваа емотивна вечер. Каролина за прв пат ги испеа пред јавноста, и доби зелено светло од присутните во салата. Публиката препозна дека поп-ѕвездата најави една топла и музички богата, зрела приказна, а тоа се песните од новиот албум. Никола Мицевски е комплетен автор на сите десет нови песни, а Весна Малинова на својот познат начин, обои со убавите стихови девет од нив. Само за една од новите песни, текстот го напиша познатата актерка Весна Бејби Петрушевска, блиска пријателка на Каролина. Публиката во комплетна тишина уживаше во убавата балада „Будна“, и длабоката љубовна приказна во текстот која Каролина ја испеа со многу емоции.
Среќата на нејзиното лице се гледаше во текот на целиот двоиполчасовен концерт, но и во движењата и во танцот. Многу среќни лица имаше и во публиката. Од партерот во долните редови, концертот го следеше сопругот на Каролина, уметникот Михаил Корубин заедно со семејствата. Токму дело на Корубин, голем портрет од Каролина кој тој го насликал ја украси сцената и истиот тој портрет ја краси насловната слика на албумот „Извор“. Во вториот дел од концертот се испеаја хитовите од албумите „Македонско девојче“ 1 и 2. (Крај)
извор: Женскимагазин фото: Женскимагазин