Скопје, 16. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска информира дека бугарските клубови штом ги променат спорните имињата, ќе продолжат да работат согласно законите.
– Тие што нема да поднесат барање до Централниот регистар, нема да продолжат да работат согласно законите. Културните клубови треба да бидат место каде што ги зближуваат народите и граѓаните, а не да бидат места каде што со своите имиња будат негативните чувства и ги разединуваат граѓаните. Законот ќе биде спроведен во целост како што се спроведуваат сите други закони, порача Ковачевски за имињата на клубовите „Цар Борис III“ во Охрид и „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Клубот „Цар Борис III“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура. Тоа не е случај и со битолскиот клуб „Иван Михајлов“, кој најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународниот суд во Стразбур.
Денеска истекува рокот за преименување на бугарските клубови. Претставници на бугарските здруженија во Република Македонија вчера остварија средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, во време кога остануваат сериозно затегнати односите помеѓу Република Македонија и Бугарија. Силни реакции кај Македонците, особено кај жителите на Охрид предизвикаа и неодамнешните изјави на Христијан Пендиков, момчето од Охрид, учесник во тепачка, која подоцна се претвори во сериозен меѓудржавен проблем. Тој кажа дека „копнеел да се врати во Македонија и на сите да им каже дека бил Бугарин без да има проблеми“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива